Стигнавме до точка каде сè е копија на копијата.
Во пишувањето: Прво доверба, па сè друго
Не му дозволувај на ботот да ти ја крои приказната! Научи како да го скршиш AI ритамот, да ги исчистиш клишеата и да пишуваш автентично, од нула.
Те предизвикувам да најдеш нешто автентично низ социјалните мрежи. Нешто што ќе те изненади или ќе ти разбуди емоција.
Да погодам: објава по објава, гледаш речиси идентична содржина (најверојатно) генерирана од вештачка интелигенција која вели... па, во принцип ништо што веќе не си го прочитал 45 пати.
Четири години по подемот на AI, вредноста на напишаниот збор падна на нула. Сите зборуваат, но никој ништо не кажува.
Многумина велат: „Денес секој може да пишува“.
Епа, верувам дека моите колеги писатели и уредници ќе се согласат со мене кога ќе кажам дека, всушност, не може. Другари кои не се писатели ми велат: „Претешко е да се пишува!“ Токму затоа и ги мотивирам да го споделат својот глас на Верзија. Тука автентичноста сè уште вреди.
(Не го кажувам ова само затоа што го читаш ова тука... добро, можеби малку.)
Ова не е само трка за квантитет, туку опседнатост да се вложи помалку - бидејќи вештачката интелигенција е поевтина од човекот. (Иако и самата таа станува сè поскапа.) Но, дали високата примена на AI кај писателите навистина значи и нивна замена? Штетата на крајот ќе чини многу повеќе отколку да се ангажираше човек уште од самиот почеток.
Трката за квантитет создаде пазар преплавен со куп статии кои едвај допираат реален проблем, а камоли да го решат. Алгоритмите можеби ви носат SEO поени, но вреди ли тоа за губење на човекот од другата страна на екранот?
Со ова создадовме недостиг на доверба. Постои огромен јаз меѓу волуменот на содржини што се објавуваат и количината во која луѓето веруваат.
За да ја вратиме таа доверба, мора да се потсетиме за кого пишуваме:
| Читателот. Истражувачот. Скептикот. Оној кој носи одлуки. Човекот.
Како станавме имуни на AI содржини
Не е работата во тоа што еден ден само се разбудивме и решивме да ја мразиме вештачката интелигенција. Туку, нашата интуиција се изостри. Поминавме часови и часови гледајќи AI текст, па станавме експерти во забележување кога некој човек воопшто не вложил труд. (Ниту тронка.)
Потсвесно го имаме меморирано „AI шаблонот“ (AI slop). И сите негови цаки. Го препознаваме вештачкиот тон, предвидливите листи со идентичен број точки и сличните шеми уште пред да го прочитаме воведот.
Модерниот скептик - а тоа сме сите ние - научи да го препознава тој шаблон.
Времето е најскапото нешто што тој го поседува, и го користи овој филтер за да се заштити од глупости. Ако твојата содржина изгледа како генериран одговор од не знам си каков промпт, тие ја прескокнуваат уште пред да го скенираат твојот наслов.
Модерниот скептик не научи да ја мрази вештачката интелигенција. Тој научи да бара труд.
И, не го обвинувам. И самата јас како корисник, го барам истото.
Оваа филозофија - да се стави приоритет на човечкиот труд пред автоматизираниот инпут - е причината зошто го започнав Content by Jana. Сакав да создадам простор каде содржината нема да се третира како нешто што треба да се „генерира“, туку како вредност што континуирано се гради.
Стапицата на алгоритмот
Со години, компаниите беа опседнати со „хранење на ботот“. Прво беше Google. Сега е индексирањето на LLMs (големите јазични модели). Во принцип, AI чет-ботовите. Сите се тркаат да бидат одговорот што го дава ChatGPT. Или Gemini. Или Claude.
И треба, не велам не. Но, ако пишуваш само за чет-ботот, стануваш дел од неговиот „просек“. Го губиш токму она што те прави избор што вреди да се направи.
Твојата автентичност.
Иако вештачката интелигенција ги индексира твоите информации, таа не е онаа што одлучува да купи од тебе. Оној кој носи одлуки е човекот.
Ако некој чет-бот го препорача твојот бренд, но корисникот кликне и најде роботски центар за ресурси... довербата се клати. Алгоритмите можат да ти помогнат да бидеш забележан/а, но само луѓето можат да направат други луѓе (твоите купувачи) да ти веруваат за да купат!
Стапицата на алгоритмот за содржини низ годините: прво Google, а потоа LLM моделите.
Како да не звучиш како бот?
Па, одговорот е очигледен: Не му дозволувај на ботот да ти ја крои приказната!
Да се разбереме - не велам дека AI не треба воопшто да се користи. AI е одлична за истражување, brainstorming, структура и слично.
Но, кога ќе дозволиш истата да биде двигателот на твојата приказна - тука лежи проблемот кој прави на крајот да ја изгубиш играта. Не е поентата само да научиш „финти“ за твоето пишување да звучи „поприродно“, туку да сфатиш дека занаетот оди многу подлабоко од неколку промпти.
Можеби си налетал/а на оние статии со наслови: „10 чекори како да не звучиш како бот“ или „Топ 10 промпти со кои твојот текст ќе звучи 100% човечки“. Епа, сега јас ќе ти ги откријам тие 10 магични чекори за преку ноќ да станеш феноменален писател...
Не, се шалам. Не им верувај на тие работи.
Нема „10 чекори“ кои ќе завршат работа ако ти си решил/а да бидеш мрзлив/а. Вистинското решение е: лична перспектива, споделување искуства, повеќе размислување, повеќе креативност, подлабоко истражување, учење на занаетот. И многу, многу помалку потпирање на AI. Едно е да го користиш AI како помошна рака за да ги подредиш мислите, а сосема друго е слепо да се потпреш на него.
Но, штом веќе си го завршил/а потешкиот дел - си истражил/а, си размислил/а и си ја нашол/а поентата - сепак постојат добри практики при пишуањето. Ова се неколку насоки како да го исчистиш и уредиш текстот за тој да биде автентичен и да не звучи како шаблонски превод:
1. Филтрирај ги туѓите мисли - и оние на AI!
Кога го користиш AI за brainstorming, тој ти дава просек од базата на податоци што му е сервирана за тренирање. Ако го препишеш тоа, верувај ми кога ќе ти кажам дека, во најдобар случај, ќе звучиш како просекот.
Зошто би сакал да бидеш просечен/а кога заслужуваш да бидеш извонреден/а?
Што да направиш? Земи ја структурата или идеите од AI, но целосно тргни го неговиот текст настрана. Напиши го пасусот одново, со твои зборови. Не го парафразирај роботот - кажи го тоа како што ти го разбираш.
Бонус: во моментот кога ќе почнеш да пишуваш сам/а, твојот мозок ќе се активира - ќе ти надојдат нови идеи кои AI никогаш не би можел да ги смисли. Нема што да изгубиш, само можеш да добиеш нешто твое и брилијантно. Пробај, ќе се изненадиш од сопствениот потенцијал!
2. Чистење на „паметните“ зборови и клишеата
Не сум фан на избегнување одредени зборови, фрази, структури или интерпукциски знаци - сѐ си има свое место. Но, вистина е дека одреден дел од тие работи се толку прекористени, што веќе го изгубија своето значење. Кога AI механички ги реди за да звучи „паметно“, тие ја губат својата вредност.
Во англискиот јазик, зборовите како tapestry, synergy, revolutionary или фразите како „In today's ever-evolving digital landscape...“ веќе не будат љубопитност - тие се само знак дека текстот, најверојатно, не е твој.
Ако некој израз ти звучи укочено или неприродно додека го читаш наглас, слободно тргни го настрана. Наједноставниот јазик секогаш ја носи најголемата тежина.
3. Тестот „Прочитај на глас“
Ова не е некаков писателски трик, туку наједноставниот тест за вистинитост што можеш да го направиш. Кога ќе завршиш со пишувањето, тргни ги очите од екранот и прочитај го пасусот на глас.
Како звучиш? Дали твојот глас тече природно, како кога правиш муабет со колега или со другар/ка на кафе, додека гестикулираш со рацете? Или звучиш како корпоративен робот кој со монотон глас чита соопштение за медиуми на прес-конференција?
Напишаниот збор знае да излаже, но увото никогаш. Ако некоја реченица ти е напорна за изговарање во реален разговор, ако ти фали здив додека ја читаш или ти звучи премногу „накитено“ - преформулирај ја. Скрати ја, искрши ја на две помали. Пишувај го онака како што навистина зборуваш.
4. Крши го ритамот - биди малку хаотичен/а!
Големите јазични модели пишуваат со совршена математичка прецизност. Кај нив сè е под линијар: речениците им се со слична должина, пасусите рамномерно распоредени, а секој збор е точно таму каде што статистиката вели дека треба да биде.
Но, луѓето не размислуваат и не зборуваат така. Затоа, играј си со ритамот во текстот. Напиши една долга, течна реченица во која детално ќе објасниш некоја идеја, развлекувајќи ја мислата низ неколку подреченици за читателот да влезе подлабоко во контекстот.
А потоа? Шок. Една кратка реченица. Можеби дури од два збора.
Оваа промена прави чуда. Му дава динамика на текстот и создава природен ритам кој дише. Затоа - крши ги правилата!
Стратегија пред реченици
Во мојата работа како содржински писател и уредник (content writer & editor), имам видено како и најубавите реченици пропаѓаат затоа што немаат цел.
Токму затоа е важен целиот уреднички циклус (editorial lifecycle). Една стратегиски менаџирана содржина вреди повеќе од 20 блог постови објавени само колку да се пушти нешто секој ден.
Доверба се гради кога вашата содржина изгледа промислена. Се работи за тоа да знаете каде припаѓа содржината, како се поврзува со проблемите на читателот (pain points) и како му користи на оној кој носи одлуки откако ќе заврши со читањето.
Каде одиме од овде?
Да, вештачката интелигенција може да имитира човечка интелигенција, но не може да те имитира тебе. А најхраброто нешто што можеш да бидеш за модерниот скептик денес, и во наредните години, е да бидеш свој/а и автентичен/а.
На крајот од денот, сè се сведува на единствената работа што е важна во содржинскиот маркетинг (content marketing):
| Читателот. Истражувачот. Скептикот. Оној кој носи одлуки. Човекот.
Ако сакаш да изградите доверба, дај им причина да останат. Не прави ревизија (audit) на твоите содржини само за клучни зборови. Направи ревизија за вредност. Погледни ги твоите досегашни содржини и запрашај се:
Дали ова вреди за времето на еден човек? Дали јас, како скептик, би останал/а на оваа страница и би го прочитал/а ова?
Ако одговорот е „не“, го губиш нивното внимание. Затоа, врати се назад и дај ѝ поента и цел на содржината.
Бидејќи, ако ти не можеш да ја најдеш, нема да ја најде ниту твојот читател.
Се читаме наскоро,
Јана
Повеќе од Технологија

Јасност при визуелен приказ на податоци
Табела, линиски график или столбови? Научи како да избереш визуелизација што ја пренесува пораката јасно, а не само убаво изгледа.

Дали високата примена на AI кај писателите значи и замена?
Дали AI ги заменува писателите? Дознај зошто вештачката интелигенција ја губи автентичноста во пишувањето и како да се заштитиш од губење на својот глас.
