Колачиња

Со твоја дозвола мериме што се чита на Верзија и дали нашите огласи на Google носат читатели, а Google може нашиот оглас да ти го прикаже повторно. Изборот го менуваш во секое време преку „Колачиња“ во подножјето.

Јасност при визуелен приказ на податоци

Табела, линиски график или столбови? Научи како да избереш визуелизација што ја пренесува пораката јасно, а не само убаво изгледа.

Сања Сиљаноска
Сања СиљаноскаАвтор на Верзија

Живееме во време кога визуелизацијата на податоци е поприсутна од кога било.

Секој извештај, презентација и објава се натпреварува за внимание со графикони во сите форми и бои. А современите алатки нудат десетици типови прикази со само еден клик. Токму тоа изобилство крие стапица:

Дури и кога точно знаеш кому му зборуваш и што сакаш да кажеш, останува прашањето кое многумина го сфаќаат премногу лежерно:

Како да го покажеш тоа?

Замисли дека ги имаш сите потребни податоци пред себе и треба да подготвиш презентација за тимот. Отвораш алатка за визуелизација и пред тебе се појавуваат десетици опции - табели, линиски графикони, столбови, кругови во сите бои. Кој приказ да го избереш? Оној што изгледа најефектно или оној што најдобро ѝ служи на твојата порака?

На оваа дилема одговара Cole Nussbaumer Knaflic во книгата „Storytelling with Data“. Нејзиното правило е едноставно: избирај визуелизации што ѝ служат на пораката, а не такви што само убаво изгледаат.

Најчесто користените прикази:

  • Табели

  • Топлотни мапи (Heatmaps)

  • Графици

    • Дијаграми на распрсканост (Scatterplots)

    • Линиски графици

    • Графици со наклон (Slopegraphs)

    • Графици со столбови (Bar charts)

    • Сложени столбови (Stacked bars)

    • Кружни графици со празен центар (Donut charts)

Слика: Табела за споредба на трошоци за финансирање на автомобили

Слика: Топлотна мапа на годишна жетва на локални земјоделци по култура

1. Табели и топлотни мапи

Табелите се одличен избор кога имаш многу податоци и публика која сака да ги разгледа деталите според сопствено темпо.

Сепак, внимавај на еден детаљ што често се занемарува: дозволи податоците да бидат во преден план, а не рамките! Дебелите линии, сенките и непотребното форматирање само го одвлекуваат вниманието од бројките.

Кога сакаш во табелата да истакнеш шаблони и точки од интерес, топлотните мапи (heatmaps) се природна надградба. Наместо публиката да ја чита секоја бројка поединечно, заситеноста на бојата веднаш ѝ покажува каде да гледа, па така потемните полиња сигнализираат повисоки вредности и обратно.

2. Графикони: Побрзи за читање од табелите

Во повеќето ситуации графиконите се подобар избор од табелите, бидејќи окото ги скенира и интерпретира многу побрзо. Прашањето е само кој тип на графикон одговара на твоите податоци.

Дијаграмите на распрснување (scatterplots) се одлични за прикажување на односот помеѓу две променливи, на пример, дали со зголемување на едната расте и другата.

Линиските графикони се најдобри за континуирани податоци низ времето, како месечни приходи или дневен сообраќај.

А кога сакаш да споредиш само две временски точки низ повеќе категории и да ја покажеш релативната промена, наклонетите графикони (slopegraphs) ја раскажуваат таа приказна поелегантно од кој било друг приказ.

Слика: Дијаграм на распрскување на односот помеѓу станбената површина и продажната цена на станови

Слика: Линиски дијаграм на оценките на публиката за филмови, според целата публика и возрасната група од 18 до 34 години

Слика: Линиски дијаграм на движењето на една процентуална вредност во одреден период години

3. Столбови: Секогаш сигурен избор (со неколку правила!)

Столбестите графикони се стандарден избор за категориски податоци и публиката ги чита без никаков напор.

Но затоа што се толку чести, лесно се прават грешки: нулата мора да биде основна линија, бидејќи скратената оска визуелно ги искривува разликите.

Внимавај и на ширината на столбовите и растојанието меѓу нив, бидејќи премногу тенки или премногу разделени столбови го отежнуваат читањето.

Слика: Групиран столбест дијаграм што споредува вредности по четири категории

Слика: Столбест дијаграм за споредба на продажни стратегии според седум производи

Наредените столбови (stacked bars) се корисни кога сакаш истовремено да прикажеш вкупни вредности и нивна распределба, на пример процентуален состав до 100.

Од друга страна, кружните графикони (donut) се можеби најубави на слајд, но човечкото око тешко споредува агли и површини. Користи ги со голема претпазливост, а пожелно и замени ги со столбови.

Целта? Разбирање, не впечаток

Заедничката нишка низ сите овие правила е една:

Визуелизацијата постои за да го подобри разбирањето, а не да го одвлекува вниманието. Најдобриот графикон е оној што публиката воопшто не го забележува како графикон, туку директно ја прима пораката од него.

Следниот пат кога ќе треба да прикажеш податоци, не почнувај од прашањето „што изгледа најдобро?“.

Почни од пораката, па избери го приказот што најбрзо ја пренесува.

Јасноста секогаш победува над декорацијата, а твојата публика ќе ти биде благодарна за секоја секунда размислување што ѝ ја заштедуваш.

Повеќе од Технологија