Колачиња

Со твоја дозвола мериме што се чита на Верзија и дали нашите огласи на Google носат читатели, а Google може нашиот оглас да ти го прикаже повторно. Изборот го менуваш во секое време преку „Колачиња“ во подножјето.

Кој, Што, Како: Три прашања пред секоја приказна со податоци

Зошто убаво дизајнираните графикони често пропаѓаат? Дознај како преку концептите Кој, Што и Како да ја пренесеш вистинската порака преку податоците.

Сања Сиљаноска
Сања СиљаноскаАвтор на Верзија

Денес податоците се насекаде околу нас. Во извештаи, табели, графикони и презентации кои постојано се борат за нашето внимание.

Сепак, колку пати си присуствувал/а на состанок каде некој покажува совршено дизајниран графикон, а на крајот никој не знае што точно треба да се направи со таа информација?

Замисли дека треба да презентираш квартални резултати пред раководството. Дали би започнал/а директно со бројките, или прво би застанал/а и би се запрашал/а зошто воопшто ја одржуваш таа презентација, што сакаш да пренесеш?

Токму тука започнува концептот на раскажување приказни со податоци (data storytelling), популаризиран од Cole Nussbaumer Knaflic во книгата „Storytelling with Data“.

Нејзината основна порака е едноставна: пред да се нурнеш во бројките, мораш да одговориш на три клучни прашања:

  1. Кому му зборуваш? (Која е твојата публика?)

  2. Што сакаш да постигнеш? (Која е целта на презентацијата?)

  3. Како податоците ќе ти помогнат во тоа? (Кој е доказот кој ја поткрепува твојата приказна?)

Иако звучат очигледно, овие прашања најчесто се прескокнуваат, а последиците се гледаат во секоја неуспешна презентација.

1. Кој: Дефинирај ја твојата публика

Колку попрецизно ја дефинираш публиката, толку поголеми се шансите за успешна комуникација.

Избегнувај општи определби како „внатрешни и надворешни засегнати страни“ или „сите што би можеле да бидат заинтересирани“.

Кога се обидуваш да комуницираш со премногу различни луѓе одеднаш, всушност не комуницираш ефективно со никого, бидејќи секој од нив има различни потреби и очекувања.

Понекогаш тоа значи дека за иста тема треба да подготвиш различни материјали за различни публики. Одличен начин за стеснување на фокусот е да го идентификуваш носителот на одлуката, односно личноста која реално може да постапи според твоите наоди.

Колку повеќе знаеш за твојата публика и нејзините приоритети, толку поуспешно ќе ја обликуваш пораката за таа навистина да биде слушната.

2. Што: Одреди ја посакуваната акција

Второто прашање гласи: што сакаш твојата публика да знае или да направи?

Ова е моментот кога мора да ти биде целосно јасно какво дејство очекуваш од другата страна. Комуникацијата без дефинирана цел е како патување без дестинација, размисли, дури и GPS навигацијата бара почетна и крајна точка за да те однесе некаде.

Дополнително, размисли на кој начин ќе комуницираш и каков тон сакаш да поставиш. Дали пораката ја пренесуваш во живо, преку е-пошта или преку пишан извештај? Дали тонот треба да биде формален, алармантен или охрабрувачки?

Овие одлуки директно влијаат на тоа како твојата порака ќе биде претставена, примена и запаметена.

3. Како: Искористи ги податоците како доказ

Дури откако концизно ќе одговориш на првите две прашања, подготвен/а си да преминеш кон третото: како податоците можат да ти помогнат да ја докажеш поентата?

Забележи го редоследот - податоците доаѓаат последни, како поддршка на пораката, а не како нејзина замена.

Ова е спротивно на вообичаената практика, каде прво се отвора омилената алатка за визуелизација, па дури потоа се размислува за целта. Кога однапред ги знаеш публиката и посакуваната акција, изборот на вистинскиот графикон, табела или клучна бројка станува многу поедноставен и поприроден.

Не ги прескокнувај чекорите!

Без јасни одговори на овие три прашања, дури и најубаво дизајнираните графикони и слајдови паѓаат во вода.

Публиката можеби ќе се восхити на визуелизацијата, но нема да ја разбере пораката, ниту ќе преземе акција, а токму акцијата е вистинската цел на секоја комуникација со податоци.

Убавината на овој пристап е во неговата едноставност. Не ти треба нова алатка, ниту напреден курс по статистика. Потребни се само неколку минути размислување пред да почнеш со работа и добра, детална анализа.

Следниот пат кога ќе треба да презентираш податоци, застани и запрашај се:

Кој, што и како?

А ако сакаш подлабоко да навлезеш во оваа тема, „Storytelling with Data“ е одлична почетна точка. Книга кон која вреди да се навраќаш и по неколку години, секогаш со свежа и поопфатна перспектива.

Повеќе од Технологија