Колачиња

Со твоја дозвола мериме што се чита на Верзија и дали нашите огласи на Google носат читатели, а Google може нашиот оглас да ти го прикаже повторно. Изборот го менуваш во секое време преку „Колачиња“ во подножјето.

Помалку е повеќе: Исчисти ги извештаите од визуелниот шум

Повеќе не значи подобро кај визуелизацијата на податоци. Откриј 3 едноставни правила за уредни, прегледни и ефикасни контролни табли и графикони.

Сања Сиљаноска
Сања СиљаноскаАвтор на Верзија

Секој од нас има плакар во кој со години се таложат работи што „можеби некогаш ќе затребаат“.

Истото се случува и со нашите графикони - рамки, линии, сенки, легенди и етикети се натрупуваат додека визуелизацијата не почне да личи на преполна соба во која никој не може да го најде она што го бара.

Извештаите и контролните табли не се место каде што ќе ги покажеш сите свои естетски аспирации! Нивната главна цел е пренос на знаење поткрепено со податоци, а дизајнот треба да биде изведен толку добро и едноставно што воопшто нема да се забележи.

Води се според едно едноставно правило: добриот дизајн е невидлив, тој тивко ја придружува содржината и ѝ служи. Она што се забележува и го повлекува вниманието е лошиот дизајн, и тоа секогаш кога ќе погрешиме.

Кога станува збор за визуелизација на податоци, повеќе не значи подобро!

Секоја дополнителна линија, боја или ознака се натпреварува со твојата порака за ограниченото внимание на публиката. Секој елемент на графиконот бара ментален напор за да се обработи, па ако тој напор не води кон подобро разбирање, тогаш е чист трошок.

Во книгата „Storytelling with Data“, Cole Nussbaumer Knaflic на оваа тема ѝ посветува цело поглавје, а нејзините совети се изненадувачки едноставни за примена. Па ајде да ги поминеме еден по еден.

Слика 1: Споредба меѓу непрегледна и добро организирана контролна табла

Три совети за уредни и ефикасни извештаи

1. Отстрани го несуштинското

Првиот чекор е најлесен: избриши сè што не придонесува кон пораката.

Рамките околу графиконот, тешките мрежни линии во позадина и непотребните сенки се типични примери на визуелен шум. Тие постојат само затоа што алатките ги додаваат автоматски, а не затоа што некој свесно одлучил дека се потребни.

Обиди се со следнава вежба: погледни го секој елемент на твојот графикон и запрашај се дали неговото отстранување би ја ослабело пораката. Ако одговорот е не, елементот заминува. Ќе се изненадиш колку многу може да се избрише, а графиконот да стане појасен.

Слика 2: Пример за аналитичка контролна табла со скратени ознаки и јасен преглед

2. Поедностави ги ознаките и почитувај го празниот простор

Долгите наслови на оските, ротираниот текст и легендите одвоени од податоците го принудуваат окото постојано да скока напред-назад.

Наместо тоа, скрати го текстот каде што е можно и означувај ги податоците директно - стави ја етикетата веднаш до линијата или столбот на кој се однесува.

Истовремено, научи да го цениш белиот простор! Тој не е „празен“ и не мора да се пополни по секоја цена. Како што паузата во говорот му дава тежина на она што следува, така и празниот простор околу клучните елементи им овозможува да дишат и да се истакнат.

3. Истакни го важното и групирај со намера

Контрастот е едно од најмоќните средства во визуелизацијата, но токму затоа мора да се користи штедливо.

Ако сè е обоено и задебелено, ништо не се истакнува. Одбери една боја за клучната поента, а сè останато остави го во нијанси на сива. Така, окото на публиката веднаш ќе отиде таму каде што сакаш.

Редот во графиконот се гради и со ситни, речиси невидливи одлуки: елементите што се блиску еден до друг се доживуваат како поврзани, порамнетите елементи создаваат структура, а конзистентната употреба на боја низ целата презентација гради природен визуелен јазик. Кога овие принципи се применети со намера, публиката чувствува ред без да знае зошто.

Слика 3: Употреба на боја и бел простор за истакнување на клучните информации

Резултатот: Погледот оди таму каде што треба

Кога ќе го исчистиш вишокот, она што останува е чист и фокусиран визуелен приказ кој нежно го води окото на публиката кон приказната што сакаш да ја раскажеш.

Никој не мора да копа низ шум за да ја пронајде поентата, таа едноставно се гледа.

Следниот пат кога ќе завршиш графикон, не прашувај се што уште може да се додаде. Прашај се што може да се извади.

Правилото е едноставно и вреди да се запамети: ако елементот не ѝ служи на пораката, не заслужува место на твојот графикон.

Повеќе од Технологија