Колачиња

Со твоја дозвола мериме што се чита на Верзија и дали нашите огласи на Google носат читатели, а Google може нашиот оглас да ти го прикаже повторно. Изборот го менуваш во секое време преку „Колачиња“ во подножјето.

Дали високата примена на AI кај писателите значи и замена?

Дали AI ги заменува писателите? Дознај зошто вештачката интелигенција ја губи автентичноста во пишувањето и како да се заштитиш од губење на својот глас.

Jana Simeonovska
Jana SimeonovskaАвтор на Верзија

Секоја втора... не, речиси секоја објава на LinkedIn што ја гледам во последно време е за тоа како луѓето што пишуваат и уредуваат наеднаш станаа „заменети“.

Знам дека алгоритмот си ја врши работата и ми го сервира она на што најчесто застанувам. Но овој наратив всушност се провлекува со години - и мислам дека оваа година достигна врв.

Како некој чија професија е пишувањето и уредувањето, прво ми беше исцрпувачки постојано да си ја бранам стручноста. Но, годинава решив повеќе да не му давам значење. Нема потреба постојано да ја образложуваме вредноста на она што јас - и многу други талентирани луѓе во браншава - го создаваме.

Пред само неколку години, креативноста се вреднуваше поинаку. Верувам дека сè уште има луѓе коишто ја ценат, само се поретки. Затоа, наместо на паниката во индустријата, подобро е да се фокусираме на градење вредност за оние, ретките.

Имено, низ мојата кариера видов како работите преку ноќ се превртија наопаку. Во маркетингот - и во пишувањето каде сега секој се трка да создаде повеќе зборови за помалку време - компаниите трчаат да го фатат секој жив тренд поврзан со вештачката интелигенција. Со тоа, брзината ја замени автентичноста, а квантитетот го уби квалитетот. 

Бев директен сведок на ова. Гледав како маркетинг агенција, која на почетокот силно ја нагласуваше уникатноста на човечкиот писател, за само неколку месеци ја сврте својата приказна за 180 степени. Се фокусираа внатрешно сè да покријат со AI алатки - бидејќи, нели, така е побрзо и поефикасно.

Овој претеран притисок да се заврши „повеќе работа за помалку време“ одамна е излезен од контрола - особено во оваа индустрија.

Но, зад сите тие статистики за автоматизација кои секојдневно нè бомбардираат, ѕирка една контрадикција. Нешто што компаниите упорно го забораваат.

А тоа е…

Дали фактот што одредени професии се високо изложени на AI, автоматски значи дека луѓето кои ги работат можат лесно да бидат заменети?

Соочување со бројките

Ајде да погледнеме реални податоци, бидејќи во маркетингот - особено во пишувањето - бројките често се користат за заплашување. Студии покажуваат дека креирањето содржини и уредувањето се меѓу највисоко рангираните на листата.

Ако ја погледнеме табелата „Top 40 occupations with highest AI applicability score“ на стр. 39 од истражувањето, резултатите за примена на AI кај овие професии се неверојатно високи:

Професија

Оригинален назив (English)

Индекс на применливост на AI

Лектори и коректори

Proofreaders and Copy Markers

0.91

Писатели на содржина

Writers and Authors

0.85

Технички писатели

Technical Writers

0.82

Уредници

Editors

0.78

Ова се улоги во кои јас работам. Податоците се јасни - нашите секојдневни задачи се соочуваат со огромна автоматизација. Сепак, тука се појавува онаа голема грешка во размислувањето што ја спомнав претходно.

Високата примена на AI не значи автоматски и висока заменливост.

Механичкиот дел од работата - подредување зборови во стандардни формати, поправање на интерпункциски знаци, пронаоѓање синоними и слично - лесно може да се автоматизира. Но, одговорноста за тоа што е напишано не може.

Кога компаниите ги користат овие статистики за да ги заменат искусните луѓе со почетници кои, бидејќи се почетници, најчесто копираат и лепат прашања во AI, тие си пукаат во нога. Ако секој е „експерт“ само затоа што може да генерира текст од 3.000 зборови за помалку од минута, тогаш… никој не е експерт. На крајот, добиваме евтина илузија на знаење и содржини без никаква длабочина.

Каде се губи вештачката интелигенција?

husk.irl (познат и како Husk) е популарен креатор на дигитална содржина кој својот профил го изгради на една многу интересна идеја. Тој со зборување разговара со AI алатките и суптилно ги трола.

Познат по своите вирални комични скечеви, тој ги истражува границите на технологијата преку „дупки во системот“ (loopholes), симулации за интервјуа за работа и т.н. AI red-teaming (тестирање на ранливоста на самите системи).

Тие видеа откриваат многу. Во моментот кога човекот ќе внесе карактер во разговорот, машината се губи. Еве каде AI најчесто крева раце:

1. Сарказам и суптилен хумор

Вештачката интелигенција работи на база на веројатност и буквални значења, па може да се каже дека хуморот е една од нејзините најслаби точки.

Кога Husk користи иронија во своите видеа, машината не го препознава подтекстот и продолжува да го објаснува концептот како дефиниција од учебник. Во маркетингот, ова е огромна пречка! Ако се обидеш да напишеш паметна кампања која се потпира на игра со зборови или локален хумор, шансите дека AI ќе промаши се високи. Резултатот е содржина која звучи или премногу суво, или ненамерно чудно и неприродно за читателот.

2. Човечка ирационалност

Големите јазични модели (LLMs) се тренирани да предвидуваат логичен редослед на зборови, што значи дека тие очекуваат совршена структура. Но, луѓето не размислуваат така - ние често си противречиме, го менуваме мислењето во средина на реченицата или, едноставно, носиме одлуки според моменталното расположение.

Во моментот кога Husk ќе внесе контрадикторност во разговорот, алгоритмот се збунува и почнува да повторува едни исти генерички фрази. Најдобрата содржина често произлегува токму од таа човечка непредвидливост, од спонтани идеи кои кршат правила. Машината тоа не може да го направи.

3. Емоционална зрелост

AI алатките можат без проблем да ја рецитираат дефиницијата за емпатија или да набројат психолошки трикови за продажба, но тие немаат вистинско животно искуство.

Кога Husk го тестира системот со ранливи човечки сценарија, одговорите на AI почнуваат да звучат роботски, шаблонски. Како уредници и писатели, ние знаеме дека луѓето купуваат од бизниси во кои веруваат и со кои се поврзуваат на емотивно ниво. Вештачката интелигенција не знае како е да се чувствува страв од неуспех, радост од успех или олеснување, па затоа и нејзиниот пишан збор често се мачи да ја допре и придвижи публиката.

4. Разбирање на контекстот

AI е исклучително моќна алатка кога станува збор за обработка на податоци, факти и сурови информации. Сепак, постои огромна разлика помеѓу познавање на фактите и разбирање на пошироката слика. Машината не знае да чита меѓу редови - таа го нема она социјално претчувство за тоа што е актуелно или чувствително во моментот во општеството.

Без тој човечки филтер, содржината генерирана од AI многу лесно може да испадне тонски промашена, застарена или ирелевантна за моменталниот пазар, дури и кога фактуелно и граматички е 100% точна.


Поради ова, AI може да ти генерира беспрекорна структура од 10 точки за некој текст - функција што многу добри писатели и уредници (вклучувајќи ме и мене) ја користат секојдневно за да заштедат време за истражување. Но, фактите сами по себе не се доволни.

Ако содржината е безживотна? Неавтентична? Тешко дека ќе го привлече вниманието на читателот, а камоли да го задржи. Нема да го натера да почувствува ништо. Може да имаш статија која е 100% точна, но ако му недостигаат душа и енергија, тој ќе потфрли во донесувањето на оние органски резултати кои му се потребни на еден бизнис.

Не постои prompt за проживеаното искуство!

Најголемата мана во целосно автоматизираната стратегија за содржина е бришењето на проживеаното човечко искуство. Тоа е единствениот асет што не можете со никаков prompt да го внесете во ниту една AI претплата!

Искусен писател и уредник носи со себе специфично знаење изградено врз години учење, неуспешни експерименти и илјадници интеракции со клиенти. Алатките едноставно не можат да го заменат тоа. Не можете да му ја дадете работата на сениор експерт на почетник и да очекувате ист резултат, само затоа што тој сега има пристап до AI чет.

Алатката го дава резултатот, но човекот го дава контекстот. Точка.

Да не заборавиме дека на машината ѝ недостига основата потребна за емоционална поврзаност. Вештачката интелигенција никогаш не излегла надвор да вдише свеж чист воздух. Не знае како е да се потиш во топол летен ден, да го почувствуваш ветрот на некое патување. Ниту пак знае како е да седнеш со близок пријател за да споделиш проблем и да добиеш искрен совет.

Токму од тие реални животни искуства и човечки односи произлегуваат елементите кои ја прават содржината успешна, а кои машината никогаш нема да ги доживее:

  • Емпатија и топлина: Способноста да сочувствуваш со читателот, да ја разбереш неговата мака и да му се обратиш со пријатност.

  • Автентичност и карактер: Онаа харизма и посебен белег во пишувањето што го прави текстот да звучи како да е напишан од човек од крв и месо (бидејќи... е!).

  • Храброст и личен став: Смелоста да заземеш перспектива, да кажеш нешто поразлично и да застанеш зад своите зборови.

  • Хумор и емоција: Духовитоста, разиграноста и онаа длабочина со која внесуваш „душа“ во речениците.

Машината може да симулира текст, но не може да симулира живот. А без живот, содржината е само еден обичен… па, куп зборови на екран.

Новата валута на градењето доверба: „Човечкиот филтер“

Денес, доверба се стекнува неверојатно тешко во дигиталниот свет, а штом еден бренд ја изгуби со објавување на генерички, машински текстови, речиси е невозможно да ја врати назад.

И тука доаѓа најсмешниот (барем за мене) дел:

Ветувањето беше дека вештачката интелигенција ќе ни ги олесни животите за ние, луѓето, да се фокусираме на креативноста. Наместо тоа, станавме марионети на сопствениот алат.

Оваа промена јасно ја гледам во мојата секојдневна фриленс работа. Водев едукативен блог за клиент кој имаше целосна доверба во мојот пристап. По некое време работење, тој ми даде стотици текстови подготвени од надворешна агенција и ми кажа:

„Не им верувам на нив. Ти верувам тебе. Те молам, провери ја содржината и направи финално уредување пред да објавиме.“

Компанија плаќа за технологија на иднината, само за на крај да плати човек да ја „избрише“ истата таа технологија од текстот. Генијална стратегија.

Не ги менувајте вашите експерти за претплата!

Мораме итно да го смениме начинот на кој ја гледаме поделбата на работата. Вештачката интелигенција е моќна рака која помага, а не замена на мозокот што води. Балансот треба да изгледа вака:

  • За техничкиот писател. AI го средува форматирањето за тој да може да се фокусира на техничката прецизност.

  • За уредникот. AI ја врши досадната лектура за тој да може да се фокусира на текот и динамиката на приказната.

  • За маркетерот. AI ја олеснува дистрибуцијата за тој да може да се фокусира на стратегијата.

Тука некаде се вклопувам и јас… Во Content by Jana, го користам AI за бреинсторминг и форматирање. Но, душата на текстот - стратегијата, емпатијата и приказната што ја поврзува твојата публика со брендот - останува моја.

Пишувањето prompts е практична кратенка до одреден текст, но никогаш не е кратенка до перспектива, став, карактер или приказна.

Ако водите бренд, не ги менувајте вашите луѓе за уште една месечна AI претплата! На долг рок, таа „евтина“ ефикасност на вештачката интелигенција станува премногу скапа ако ве чини губење на вашиот кредибилитет.

Се читаме наскоро,

Јана