Колачиња

Со твоја дозвола мериме што се чита на Верзија и дали нашите огласи на Google носат читатели, а Google може нашиот оглас да ти го прикаже повторно. Изборот го менуваш во секое време преку „Колачиња“ во подножјето.

Копирајтинг и содржинско пишување: Зошто бизнисите ги мешаат

Копирајтинг или содржинско пишување? Иако звучат слично, целта зад нив е различна. Откриј ги клучните разлики и најди го балансот за твојот бизнис.

Jana Simeonovska
Jana SimeonovskaАвтор на Верзија

По професија сум содржински писател и уредник (content writer & editor).

Моето искуство во оваа област трае нешто помалку од 4 години - секогаш ќе паметам дека мојата писателска кариера расцути во почетокот на 2023 година, непосредно по „раѓањето“ на ChatGPT во 2022 година.

Не би можела да избројам колку пати ми се случило некој да ме побара за услугата копирајтинг (copywriting). Но, како писател кој главно креира долги и едукативни содржини, мојата експертиза всушност лежи во содржинското пишување (content writing).

Отсекогаш знаев дека овие два поими се различни видови пишување кои бараат поинаков сет на експертиза и вештини. Сепак, на почетокот од кариерата не бев целосно запознаена со термините, а искрено - не знаев ни 100% што сè сакам (и што не сакам) да нудам како услуга.

Но, сега знам.

Па затоа, во оваа статија ќе зборувам за клучните разлики помеѓу копирајтингот и содржинското пишување. (И ќе ти кажам каде можам да ти помогнам јас!)

1. Што е копирајтинг?

Копирајтингот (copywriting) е уметност на убедување со цел да се поттикне некакво дејство.

Кога пишуваш copy (текст за копирајтинг), твојата примарна цел е да го натераш читателот да направи нешто веднаш - да купи производ, да се пријави на е-маил листа, да преземе апликација, да кликне на одредено копче и ред други работи.

Копирајтингот е исто така брз, концизен и стратешки поставен. Добриот копирајтер не ги опишува само карактеристиките на производот или услугата; тој зборува за предностите и за тоа како тој производ или услуга ќе му го реши проблемот на клиентот. Копирајтингот се фокусира на психологијата на купувачот и на т.н. CTA (call to action), односно повик за акција.

Па, каде сè го гледаме копирајтингот во секојдневниот живот?

  • Реклами на Facebook, Instagram и Google

  • Продажни страници (landing pages)

  • Слогани и билборди

  • Наслови на веб-страници (кои треба веднаш да го задржат вниманието)

  • Продажни е-маил кампањи

2. Што е содржинско пишување?

Содржинското пишување (content writing) е создавање вредност преку едукација, информирање и забава.

Ако копирајтингот е спринт кој веднаш води до некакво дејство, содржинското пишување е маратон кој гради доверба помеѓу брендот и публиката.

А, верувајте ми, токму таа изградена доверба на долг рок е најсилниот двигател на преземање било какво дејство - нешто што ниту еден AI чет-бот, без разлика колку тврди дека е креативен, не може да го замени со своите шаблони.

Како содржински писател, мојата задача не е да ти кажам „Купи го ова веднаш!“, туку да ти објаснам зошто одреден проблем постои, како да го решиш и кои се најдобрите практики во индустријата. Преку квалитетни текстови, бизнисите се позиционираат како авторитети во својата ниша.

Кога клиентите со месеци читаат корисни содржини од вас, погодете кај кого е најголемата веројатност дека ќе отидат кога ќе бидат подготвени за купување?

Кај вас.

Содржинското пишување исто така е во силна врска со SEO (search engine optimization). Целта е текстовите да се рангираат високо на Google - а во последниве неколку години и да се појавуваат во AI чет-ботовите - и да донесат органски, бесплатен traffic на веб-страницата.

Примери за содржинско пишување вклучуваат:

  • Блог статии и едукативни текстови (како оваа што ја читаш)

  • Е-книги (E-books) и водичи

  • Информативни билтени (Newsletters)

  • Објави на LinkedIn кои споделуваат индустриско искуство

  • Сценарија за подкасти или YouTube видеа

Преку Content by Jana, ги преточувам твоите идеи во зборови што градат доверба. Без разлика дали ти треба убедлив копирајтинг што поттикнува инстантно дејство или едукативни, оптимизирани содржини - кој знае, можеби мојот следен проект на кој ќе работам со огромна пасија ќе биде токму твојот!

Клучни разлики: Копирајтинг наспроти содржинско пишување

Откако ги дефиниравме двата поими, лесно е да се разбере зошто доаѓа до конфузија. На крајот на краиштата, и во двата случаи станува збор за пишување зборови. Сепак, целта и стратегијата зад тие зборови се различни.

Ајде да ги погледнеме главните разлики низ неколку клучни аспекти:

1. Цел на текстот

  • Копирајтинг: Има само една примарна цел - конверзија (продажба, клик, претплата). Сака инстантна реакција.

  • Содржинско пишување: Има долгорочна цел - градење врска. Сака да ја едуцира публиката и да изгради лојалност кон брендот.

2. Должина и формат

  • Копирајтинг: Најчесто е краток, паметен и прецизен. Секој збор мора да си го заработи местото во реченицата (на пример, текст за социјални медиуми или наслов на реклама).

  • Содржинско пишување: Најчесто е во подолг формат (од 500 па сè до 3,000+ зборови). Бара длабоко истражување, структурирани пасуси и детално разработување на темата.

3. Временска рамка и резултати

  • Копирајтинг: Носи брзи, мерливи резултати. Пуштате реклама и веднаш гледате колку луѓе кликнале или купиле преку тој текст.

  • Содржинско пишување: Тоа е долгорочна инвестиција. Потребни се месеци за една статија да се рангира на Google, но откако ќе успее, таа може да носи клиенти со години без да платите ниту денар за реклама.

Карактеристика

Копирајтинг (Copywriting)

Содржинско пишување (Content Writing)

Фокус

Продажба и конверзија

Едукација и информирање

Должина

Главно краток формат

Главно долг формат

Примарен тон

Убедлив и директен

Информативен, пријателски, стручен

Врска со SEO

Минимална (освен кај одредени landing pages)

Клучна (оптимизација за пребарувачи)

Временски ефект

Краткорочен (инстант резултат)

Долгорочен (градење бренд)

Твојата мисла заслужува свој простор. Сподели ги твоите ставови, анализи или креативни приказни со заедницата на Верзија и инспирирај ги читателите. Аплицирај за автор и пишувај за Верзија!

Зошто бизнисите ги мешаат овие два поими?

Причината за конфузијата е што двете вештини се меѓусебно зависни во дигиталниот маркетинг. Еден успешен бизнис не може да преживее само со едното или само со другото!

Замисли дека имаш одличен автор кој напишал феноменален блог пост од 2.000 зборови за тоа како да се избере правилен душек за спиење. Текстот е едукативен, читлив и оптимизиран за пребарувачите.

Но, за овој текст да поттикне одредено дејство кај читателот, истиот тој автор на крајот мора да го искористи својот втор „џокер“ во ракавот - копирајтингот. Со тоа што ќе ги владее двете вештини, тој знае како едукативниот текст да го заокружи со убедлив CTA, што читателот ќе посака да го купи твојот душек.

Од друга страна, замисли дека истиот тој автор креирал привлечна реклама (чист копирајтинг) и луѓето кликаат на неа. Но, доколку тие слетаат на веб-страница каде што нема квалитетна, едукативна содржина или блог (содржинско пишување) што ќе им ги одговори прашањата, тие брзо ќе си заминат бидејќи сè уште немаат доверба во брендот.

Бизнисите често бараат само „копирајтер“, мислејќи дека тој термин ги опфаќа сите можни видови на пишување. Како резултат на тоа, се случува да ангажираат некого да им пишува блогови, а да добијат премногу „продажни“ текстови кои ја одбиваат публиката. Или обратно - ангажираат фантастичен содржински писател за да им креира кратко, ударно видео-сценарио за TikTok.

Клучот е во разбирањето дека зад успешното маркетинг пишување секогаш стојат две различни супермоќи, дури и кога ги користи еден ист човек.

Најди го вистинскиот баланс за твојот бизнис

Дигиталниот маркетинг брзо се менува (особено денес по подемот на AI алатките), но една работа останува иста: луѓето сè уште купуваат од брендови на кои им веруваат.

Разбирањето на разликата помеѓу копирајтингот и содржинското пишување директно влијае на тоа како го инвестирате вашиот маркетинг буџет.

Кога јасно ќе ги дефинираш твоите цели, точно ќе знаеш дали во моментот ти е потребна брза продажба и инстантни конверзии (преку копирајтинг) или пак темелно градење на доверба и авторитет на пазарот (преку содржинско пишување).

Некој кој може длабоко да го истражи твојот производ или услуга, да напише едукативен текст кој ќе се рангира на Google - и е цитиран од странa на AI-чет ботовите - а на крајот без напор да го спакува оној суптилен, но моќен продажен повик.

Ако имаш среќа да соработуваш со писател кој ги владее и двете - честитки, добитна комбинација!

Се читаме наскоро,

Јана

Повеќе од Бизнис