Отсекогаш сум сакал да читам. Да сознавам интересни, научни работи. Да се надоградувам, да учам и да се полнам со позитивна енергија.
Приказната зад Верзија започна со едно мало тефтерче
Сè започна со тефтерчето на мајка ми. Ова е приказната за тоа како настана Верзија и зошто Македонија заслужува простор каде знаењето добива став.
Тоа е чувство што тешко се објаснува на некој што не го доживеал: моментот кога ќе прочиташ нешто и светот ти станува малку поголем.
Но имав еден проблем. Тоа чувство никаде не можев да го најдам.
Македонскиот дигитален простор не ми го даваше она што ми требаше. Порталите беа полни со сè, освен со содржина од која растеш. Каде и да кликнев, наоѓав шум: минливи вести, сензационализам, содржини што ти го земаат вниманието без да ти вратат ништо.
Она што го барав - знаење, длабочина и нови перпсективи, кои откако ќе ги прочиташ, се чувствуваш попаметен наместо испразнет - едноставно го немаше.

Слика: Тефтерчето од кое произлезе идејата и приказната за Верзија
Тефтерчето
Идејата не ми дојде од анализа на пазарот. Дојде од мајка ми.
Таа е човек кој многу чита. Има една навика што ја гледам откако знам за себе: едно мало тефтерче. Кога ќе прочита книга, седнува и во него запишува, во кратки црти, за што била книгата, што било клучно во приказната и што научила од неа.
За секоја книга по едно кратко раскажување. Со години, страница по страница, тоа тефтерче стана нејзина лична библиотека на наученото.
Едноставна навика. Ништо спектакуларно. А сепак, токму тоа тефтерче ми ја даде целата идеја.
Затоа што сфатив нешто: она што мајка ми го прави приватно - во тефтерче што го гледа само таа - тоа е точно она што недостига јавно, за сите нас. Знаењето не вреди само кога ќе се стекне. Вреди кога ќе се запише, ќе се среди и ќе се сподели. А во Македонија не постоеше такво место.
Празнината
Кога го сфатив тоа, почнав да гледам околу себе малку... поинаку.
Гледав луѓе од секаква фела, инженери, лекари, истражувачи, професионалци, кои секој ден учат нешто ново во својата работа. Луѓе со знаење и искуство.
Патем, сфатив дека тие немаат каде да го искажат тоа. Немаат каде да го напишат и да го споделат со други. Нивното знаење или останува во нив, или се губи во хаосот на социјалните мрежи: објавено денес, заборавено утре.
А од другата страна стоев јас, читател кој очајно бараше точно такви содржини и не успеваше да дојде до нив.
Двете страни на истиот проблем.
Оние што имаат што да споделат, а немаат каде.
Оние што сакаат да научат, а немаат едно релевантно место со луѓе на кои им веруваат.
Помеѓу нив, празнина.
Па одлучив, како девелопер, таа празнина да ја пополнам сам. Да направам платформа.
Зошто „Верзија"?
Името дојде пред кодот.
„Верзија" доаѓа од латинското versio, што значи промена. Една верзија никогаш не е крај. Таа е скалило кон нешто подобро и одбива да стагнира. Токму тоа е верувањето врз кое сè е изградено:
Ниту една мисла не е финална.
Секоја статија на платформата е нечија верзија на знаењето, автентична интерпретација поткрепена со искуство.
Тука е важна една дистинкција што ми е особено драга. Кога велиме дека секоја верзија е подобра од претходната, не споредуваме автори меѓу себе. Зборуваме за личен раст.
Секој нов текст на авторот е подобар од неговиот претходен. Секоја прочитана статија е чекор напред за читателот. Авторот гради подобра верзија од своите текстови, читателот гради подобра верзија од себеси. И заедно, верувам, градиме подобра верзија од нашето општество.
Стравот од совршенство
Има и уште една причина зошто името ми легна веднаш.
Многу експерти не пишуваат од страв. Мислат дека нивниот текст мора да биде конечната вистина на темата, па не го пишуваат воопшто.
Со името Верзија сакав да им ја тргнам таа тежина од рамо: ова не е твојот финален збор. Ова е твојата најдобра версија на знаењето денес. Па затоа, пиши ја!
Што изградив
Технички, Верзија е платформа за долги, едукативни статии. Но тоа е далеку од најинтересниот начин да се опише.
Она што навистина го изградив е филтер. Во време кога не е тешко да најдеш содржина, туку е тешко да најдеш вистина, вредноста не е во објавувањето, туку во селекцијата. Затоа секој текст на Верзија поминува проверка: авторот мора да има вистинска експертиза, а текстот мора да носи јасна порака и корисна вредност за читателот.
И ова го кажувам без двоумење: нула толеранција за AI текстови! Секој текст мора да има личен став, а тоа доаѓа само од сопственото искуство. Иронично можеби, но во ера кога сите трчаат кон автоматизација, изградив платформа чиј главен стандард е човечноста.
Дизајнот го водев по истиот принцип. Без банери, без реклами, без ништо што се натпреварува за твоето внимание. Твојот фокус е приоритет, и сè што не му служи на текстот не заслужува место на екранот.
За кого е Верзија?
За читателот кој е како мене. Кој сака минутите поминати на екран да бидат инвестиција. Кој сака да научи нешто ново додека се вози во автобус или пие кафе, и да се чувствува инспирирано наместо испразнето.
И, за авторот кој има што да каже, но досега немал каде. Кој не сака неговиот труд да се дави меѓу еднодневни објави, туку да стои до врвна содржина. На Верзија, тој го пренесува знаењето, а платформата му ја носи публиката. Секоја напишана мисла останува трајна, а не објава со рок на траење од 24 часа.
Верзија никогаш нема да соли памет, никогаш нема да биде хаотична и никогаш нема да објавува сè и сешто. Подобро сто читатели што навистина читаат, отколку десет илјади што случајно кликнале. Квалитет пред квантитет, секогаш!
Тефтерчето, само јавно
Мајка ми и денес си го пополнува своето тефтерче, книга по книга, страница по страница. Без публика и без лајкови. Само поради една причина: затоа што наученото заслужува да се запише.
Верзија е, всушност, истата таа идеја, само јавна. Место каде наученото се запишува, се средува и се споделува. Каде знаењето на едни станува раст за други.
Ако си читател кој не се задоволува со статус-кво, тука е твојата доза напредок. Ако си човек чие знаење седи „во фиока", тука е твоето место да го споделиш.
Ова е мојата верзија на подобар македонски дигитален простор.
И како секоја верзија, нема да остане крајна. Ќе биде подобра. Тоа е ветувањето во самото име.
