Денес, сè се одвива забрзано. Сакаме да дојдеме до одговори на што полесен начин и за што пократко време.
Како RAG ја менува комуникацијата со податоците
Дознај како да изградиш интелигентен асистент со RAG, LangChain и Chroma. Претвори ја обемната документација во прецизни одговори преку природен јазик.
Веќе се навикнавме да користиме големи јазични модели (LLMs) кои обработуваат огромна количина текст и ни нудат само скоцкан одговор со најважните поенти од темата.
Замисли почеток на ново работно место.
Би сакал/а ли да читаш долга документација за сите аспекти од производите или услугите кои твојата нова компанија ги нуди?
Дали би ти бил олеснат процесот доколку постои помошник во вид на интелигентен асистент кој ја „разбира“ документацијата и одговара прецизно и контекстуално според соодветните упатства?
Во оваа статија ќе го објаснам концептот зад изградба на интелигентен асистент базиран на retrieval-augmented generation (RAG). Овој систем е наменет за навигација и поддршка во рамки на апликации кои поседуваат обемна документација.
Примената на вакви системи овозможува корисниците интуитивно да комуницираат со податоците преку природен јазик, без потреба од рачно пребарување.
За таа цел, ќе опфатам креирање векторски репрезентации (embeddings) од текстуални податоци, нивно складирање и поврзување со голем јазичен модел преку LangChain екосистемот.
Големата слика: Спојување на два света
RAG моделите овозможуваат комбинирање на најдоброто од два света.
Тие ја спојуваат способноста на јазичните модели за генерирање разговорен текст со можноста за повлекување реални податоци од надворешни извори. Изворите можат да бидат документации, бази на знаење или интерни системи.
Со други зборови, тие не се потпираат само на „вграденото знаење“. Овие системи се способни да учат од конкретен материјал, што во случајот на овој проект е документација на апликации.
Слика 1. Визуелна претстава на RAG
Со слика 1, целиот концепт станува многу појасен ако ги следиме означените чекори.
Во првиот чекор се гледа „знаењето“. Тоа ги претставува нашите приватни документи или најнови информации на одредена тема според чиј контекст сакаме моделот да генерира одговори.
Тој текст потоа се преработува во текстуални репрезентации (embeddings) со кои компјутерите подобро работат, па потоа се зачувува во векторски бази.
Кога ќе пристигне барање од корисникот, и тоа се преработува во вектори за да може да се изврши споредба. Јазичниот модел прво го зема точниот контекст од нашата векторска база, па врз тие податоци генерира разбирлив текст за корисникот.
Подетална обработка на работењето на RAG
Откако ја имаш генералната претстава според визуелизацијата, преминуваме кон деталите на поединечните сегменти. Сепак, големата слика останува иста.
1. Подготовка на документацијата
Замисли го податочното множество како документација за изграден софтвер. Истата е структурирана во повеќе табови како дел од техничките насоки на компанијата.
Документите се распоредени во категории со различни тематски наслови за појасна организација и полесна навигација.
Влезните податоци ќе зависат од проект до проект, па затоа треба да го прилагодиш начинот на читање согласно документацијата.
Исто така, обиди се добро да ја разбереш самата структура за да направиш што подобра сегментација на текстот во следниот чекор.
2. Сегментација на текстот и креирање вектори
Целата документација се дели на помали текстуални сегменти (наречени чанкови, chunks) за полесна обработка. Сите овие сегменти дополнително содржат метадата која ги идентификува и подетално ги објаснува.
Со чисто текстуална форма може да се постигне само едноставна споредба. Затоа се креираат векторски репрезентации (embeddings) кои нудат напредно семантичко пребарување.
Тие се повеќе-димензионални вектори кои го претставуваат значењето на текстот. Тие овозможуваат концептуална споредба на содржината, односно совпаѓање на различно формулиран текст или синоними кои пренесуваат иста идеја.
За овој процес се користи моделот OpenAIEmbeddings, избран поради неговата прецизност, одлична поддршка во LangChain библиотеката и лесна употреба.
3. Локално складирање во векторска база
Овие нумерички репрезентации на текстот мора некаде да се чуваат, па за таа намена постои посебен вид на база.
Во оваа статија е избрана векторската база Chroma. Причината за изборот е нејзината едноставна интеграција и можноста за локално складирање и пребарување без потреба од надворешна инфраструктура.
Целта на оваа статија е поедноставно да се објасни генералниот концепт. Сепак, во твоите реални проекти треба добро да размислиш при определувањето на конкретните модели, библиотеки и бази.
4. Прашување и генерирање одговор
Последната фаза е изградба на функција која го прима прашањето од корисникот како влезен параметар.
Таа го трансформира прашањето во векторска репрезентација, врши семантичко пребарување низ базата и ги враќа 3-те најрелевантни текстуални сегменти.
Моделот е строго насочен да одговара само врз основа на дадениот контекст и да биде јасен, едноставен и концизен. Конкретниот модел искористен во овој проект е ChatOpenAI gpt-5.
Во овој стадиум, тој е подготвен да одговара на прашања согласно документацијата на која е научен, па може да се премине кон тестирање.
Слика 2. Дијаграм како објаснување на практичното решение
Зошто RAG, а не само обичен LLM разговор?
Кога ги анализираме перформансите на паметните асистенти, брзо стануваат јасни директните придобивки од вклучувањето на вакви решенија во бизнисот:
Пристап до најсвежи податоци: Стандардните јазични модели имаат дефиниран лимит и најчесто се тренирани на податоци заклучно со 2025 година. RAG го премостува овој јаз во реално време.
Минимизирање на халуцинации: Со прецизно насочување на податоците се намалува просторот за измислување факти, бидејќи моделите точно знаат која е нивната фиксна база.
Безбедно користење приватни податоци: Системот овозможува работа со интерни информации на кои големиот јазичен модел претходно ниту бил трениран, ниту имал некаков пристап.
Јасна референца до изворот: Секој генериран одговор содржи точен линк или насока до документот од каде што е земен податокот, со што драстично се зголемува доверливоста.
Предизвици со кои ќе се соочиш при изградба
Иако системот нуди одлични придобивки, процесот на имплементација со себе носи и неколку клучни предизвици на кои треба да внимаваш:
Обезбедување квалитетни податоци: Изворниот материјал мора да биде чист и соодветен за прашањата што понатаму ќе ги поставуваат корисниците.
Паметно сегментирање (chunking): Мора добро да се разбере структурата на текстот за да се направи ефикасна поделба која нема да го изгуби контекстот.
Избор на соодветни составни делови: Секој LLM, Embedding модел и векторска база мора соодветно да се анализираат и испробаат за да се најде најдобрата комбинација за твојот случај.
Контрола на меморијата и трошоците: Балансот помеѓу вклучената меморија при активна комуникација и финалната цена по потрошен токен (token) е клучен за одржливост на проектот.
Патот од документација до паметен разговор
И покрај предизвиците, RAG архитектурата целосно го менува начинот на кој пристапуваме до информациите.
Наместо твоите колеги или корисници да губат часови во пребарување низ заборавени папки и застарени упатства, тие сега можат едноставно да го прашаат системот и да го добијат точниот одговор за неколку секунди.
Изградбата на ваков интелигентен асистент бара време и тестирање, но вредноста што ја носи - заштедено време, помалку фрустрации и брз пристап до знаењето - го прави секој чекор од овој процес вреден.
Следниот пат кога ќе се соочиш со ваков тип на проблем, не почнувај со мачно читање на секоја страница од долг документ.
Седни и види дали можеш да искористиш нешто веќе создадено, а работи на овој принцип, како што е NotebookLM. Или, зависно од проблемот, можеш и да ја отвориш омилената развојна околина и да почнеш да го градиш твојот прв RAG модел.
Тука ќе го споделам и линкот до моето демо.
